Македонија
1. February 2019 - 16:59

Шокантни податоци за малолетничка бременост, во 2017 62 малолетнички се одлучиле на абортус, а над 700 родиле деца

За две години 62 девојчиња абортирале. Овие алармантни податоци ги обелодени заменик народниот правобранител. Во истражувањето од 2016 до крајот на 2017 во 8 јавни здравствени установи биле породени 731 малколетничка. Најмладата имала само 11 години. Десет од нив бебињата ги оставиле во Дом. Речиси сите малолетни родилки биле во вонбрачна заедница. Омбудсманот забележува дека болниците не ја почитувале законската обврска за согласност од родител или старател.

-Здравствените установи треба да обезбедат изјави за согласност за определена медицинска интервенција на малолетни пациентки и при нивен прием да извршат целосна идентификација на лицето кое е негов придружник (родител или старател), изјави Васка Бајрамовска Мустафа, заменик народен правобранител.

Народниот правобранител контатирал дека во дел од болниците немало социјален работник што е задолжително кога станува збор за малолетничка бременост.

-Министерството за здравство треба да преземе мерки за изготвување на посебен правилник и протокол за постапување со малолетни пациентки без оглед дали се работи за абортус, породување или друга гинеколошка интервенција, додаде Бајрамовска Мустафа.

Извештајот ќе биде доставен до сите надлежни институции, а од канцеларијата на Народниот правобранител ќе следат дали се применуваат препораките.

Истражувањето следуваше откако лани 13 годишна штитеничка на државата абортираше по сексуално злоставување, а уште 2 малолетнички од Домот 25 мај забремениле.