Македонија
27. September 2019 - 17:17

Пропадна уште еден обид за избор на прв ревизор на државата

Владејачките СДСМ и ДУИ никако не можат да ги усогласат ставовите за тоа кој да седне на првото столче во Државниот завод за ревизија. Иако, според партиски извори, има неколку имиња кои се фаворити за оваа позиција, сепак, и по речиси две години нема конечна одлука.

Тоа е причината поради која собраниската Комисија за избори и именувања заглавува со својата работа веќе со месеци. И покрај тоа што само пред два дена пратениците на владејачкото мнозинство уверуваа дека денеска ќе се направи изборот во Комисијата, сепак, тие побараа одложување. Опозициските пратеници пак, се согласија со нивнте колеги, иако во Комисјата имаше кворум за работа.

Но, наместо вистинската причина, повод за одложување беше претходното барање на независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ за нова распределба на силите во собраниските комисии.

Огласот за Државен ревизор беше распишан во декември 2017 година. На него се јавија 12 лица. Од тогаш оваа клучна институција за независна контрола на трошењето на државните и партиските пари  е без прв човек. Дополнително, на 4 октомври завршува мандатот и на сегашниот заменик со што целосно ќе биде блокирана работата на ДЗР, вработените не ќе можат да земаат плата, а нема да можат да се изготвуваат ни ревизорски извештаи.

Освен прв ревизор, подолго време се чека на и изборот на челнови на Агенцијата за медиуми, МРТВ, директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци, членови на Комисијата за спречување на дискриминација, како и за слободен пристап за информации од јавен карактер.