Македонија
6. October 2019 - 17:07

Во Струмица фестивал на источно црковно пеење

Источното црковно пеење се почесто се слуша во македонските храмови. И покрај големата пауза  во неговата изведба верниците интуитивно го препознаваат како свое. Празнината која настанала кон крајот на првата светска војна полека ама сигурно се пополнува. Ова се само дел од заклучоците од научниот симпозиум насловен ,, Црковното пеење врз византиската традиција,, кој се одржува во рамки на фестивалот посветен на источното црковно пеење. Според професорот Јане Коџабашија, трагите на ова пеење кое со векови се применувало ги имаме, неговите корени треба да се бараат во народното пеење.

,, Само таму можело да се сочува нешто, некоја трага. На друго место немаме. Ние немаме изведувачи од почетокот на дваесетиот век како што во некои земји имало снимки, плочи и оние други носачи на звук. Ние имаме само спомени од пејачите на народна музика.,, вели проф. Јане Коџабашија.

Фестивалот на источно црковно  пеење во Струмица според професорите кои со години работат во оваа област претставува  продолжување на нишката во делот на истражувањата кои се прават. Но исто така, сето ова ја наметнува и потребата од соодветен кадар.

,, Сето тоа чинам од една страна е условено и со појавата и со потребата за соодветен кадар кој што ќе го изучува и научен пристап ќе даде кон сето ова токму за да биде пренесено и отиде кон надвор, односно во етерот на оној вистински оригинален начин.,, вели проф. Мирјана Павловска Шулајковска.

Деветото издание на фестивалот на источно црковно пеење се одржа во црквата Свети 15 Тивериополски Свештеномаченици. На истиот настапија четири македонки и еден хор од соседна Бугарија. Во рамки на научниот симпозиум кој како тема го имаше црковното пеење врз византиската традиција беа презентирани шест научни трудови.