Македонија
11. January 2020 - 16:35

62-ца мигранти откриени на Богородица во два товарни воза кои доаѓале од Грција

Во товарни возови кои пристигнале од Грција полицијата откри 62 ца илегални мигранти. Мигрантите се откриени во два одделни случаи при контрола на товарните возови кои пристигнале на железничката станица во Гевгелија. Во првиот воз се пронајдени 42 ца мигранти од кои 38 од Мароко, двајца од Сирија и двајца од Алжир.

Неколку часа подоцна во друг товарен воз кој исто така пристигнал од Грција полициските службеници од полициската станица Богородица откриле уште една група  од 20 илегални мигранти. Осум од нив биле државјани на Пакистан, седум од Авганистан, тројца од Мароко и двајца од Алжир. Сите 62 ца се пренесени во транзитниот центар Винојуг.

 Македонската територија и понатаму останува како една од главните рути за транзит на илегалните мигранти. Потврда за тоа дава и статистиката на МВР која минатата година бележи зголемување како во делот на обидите за нелегален премин, но и во обидите за криумчарење.

Само за девет месеци во 2019 година биле спречени 18.448 обиди  за илегален премин, за разлика од претходната 2018 година  кога оваа бројка изнесувала 13.143. Најголем дел или 83,7% од лицата се спречени при обид да остварат влез во Македонија, од нив речиси 98% се на влез на јужната граница.

Во истиот временски период  полицијата открила 57 случаи    на криумчарење  што е за 29% повеќе во однос на истиот период претходната година. Против 64 лица биле преземени мерки на кривичен прогон кои се товарат за близу 40 кривични дела криумчарење мигранти.