Бизнис
3. February 2020 - 20:22

Општина Дојран ќе ја почитува одлуката на мнозинството

Општина Дојран ќе ја почитува волјата на мнозинството од граѓаните. Водоводот и канализацијата нема да бидат дадени на јавно приватно партнерство бидејќи така се изјаснија поголемиот дел од жителите на оваа општина кои излегоа на вчерашниот референдум.

Градоначалникот Ангов вели дека идејата на референдумското изјаснување била токму тоа, да го слушнат мислењето на граѓаните и врз основа на него  да одлучат дали понатаму ќе продолжи постапката или не.

„Тоа беше и целта на овој референдум. Референдумот е распишан пред се за да го слушнеме мислењето на народот, без разлика дали нивното мислење е позитивно или негативно. Најбитно е ние на крајот од денот да имаме мислење од нив и да знаеме што да правиме понатаму, дали да ја продолжиме постапката или да застанеме овде, затоа што на нас најбитно од се ни е мислењето на народот. Тоа го направивме и со овој референдум“, рече Анго Ангов,  градоначалник на Општина Дојран.

Жителите на општина Дојран вчера одлучуваа дали се за или против доделување на договор за јавно приватно партнерство  за услугите, снабдување со вода за пиење, одведување на урбани отпадни води и третман на урбаните отпадни води во општина. Од 2662 гласачи колку што има запишано во избирачкиот список на гласање излегоа 53,34% , односно1420 граѓани.

Поголемиот дел од нив или 978 биле против, додека 404 ја поддржале намерата за јавно приватно партнерство во комуналното претпријатие.