Двајца мигранти со украдено возило и бегале на полицијата - едниот скокнал во Вардар
Како на филм, со украдено возило двајца мигранти од Алжир сакале да ја одбегнат полициската контрола и направиле вистинска бркотница низ скопските улици.
Возилото марка ,,рено клио,, мигрантите го украле синоќа во валандовското село Градец, а потоа се упатиле кон главниот град.
Рано утрово, дваесетина минути пред 4 часот на булеварот Јане Сандански од страна на полициска патрола им бил даден знак за запирање, но наместо да застанат тие продолжиле кон железничката станица. Полицијата веднаш упатила дополнителни служби за да го запре возилото, но тоа успеало да ги одбегне и тие патроли и се упатило по бул.“Гоце Делчев“.
Бегајќи од полицијата во близина на МТВ, возилото удрило во патничко моторно возило “дачија дастер“, сопственост на МВР, но и тоа не успеало да го запре па продолжило во правец кон населбата Керамидница. За кратко време возачот изгубил контрола и удрил во бетонски жардињери по што запрел .
И додека совозачот поради телесните повреди од ударот останал на местото на настанот, возачот излегол од возилото и во обид да им избега на полицајците скокнал во реката Вардар. За кратко време тој бил изваден од реката, а потоа и двајцата се пренесени во Градската општа болница “8- ми Септември“ за укажување на лекарска помош.
Од полицијата информираат дека работат на целосно расчистување на случајот.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
