Ќе се вратат ли пратениците во Собранието, Власта покрена иницијатива, Опозицијата е против
Власта собира потписи од своите пратеници од веќе распуштениот парламент за свикување на нова седница, потврдуваат од владеачката партија. Причината е да се потврди новата вонредна состојба што минатата недела ја прогласи претседателот Пендаровски, но кој и даде идеја за вакво нешто.
Неофицијално, се користи членот од собранискиот деловник во кој е наведено дека претседателот на парламентот, освен по сопствена иницијатива може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници. Дополнително, како аргумент се користи и уставниот член дека мандатот на пратениците се продолжува за време на вонредната состојба.
Наводно минимум потписи се собрани, но сега се бараат потписи и од други пратенички групи со цел да се покаже дека мнозинството народни избраници се за враќање на распуштеното Собрание. Идејата на власта била седницата да се одржи согласно препораките за дистанца од два метри, за што собраниската зграда иа услови во големата купола.
Албанскиот партнер во власта пак, вели дека не е информиран за иницијативата, но и дека не ја разбира целта за итно свикување на веќе распуштеното Собрание, а дека вонредната состојба може да биде потврдена од идниот парламентарен состав.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува ваквата инцијатива бидејки смета дека таа е покренета од веќе поранешни пратеници.
Но, дали ќе биде свикана седница зависи од претседателот на парламентот. Собранискиот спикер засега молчи за ваквиот предлог. Претходните ставови беа дека веќе распуштен парламент не може повторно да се состане.
Собранието се самораспушти на 16 февруари заради одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април, но тие беа одложени поради пандемијата со Ковид-19.
Во меѓувреме, Левица на Апасиев поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на одлуката на шефот на државата за воведување на вонредна состојба бидејки ја сметаат за противуставна и со која се овозможува дополнителен рок на Владата да носи уредби со законска сила. Проценката на Левица е дека од 120 уредби кои досега биле донесени, само 40 се однесуваат на справувањето од последиците од корона вирусот.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
