Македонија
1. October 2026 - 16:59

Филипче удри на два фронта - „идиот“ за Мицкоски, „шлепер“ за сопартијците

„Комплетен идиот“ за премиерот, „ќе ги изгазам како шлепер жаба“ за сопартијците – Венко Филипче денеска без ракавици удри и по власта и по внатрепартиските критичари.

Опозицискиот лидер Венко Филипче жестоко го нападна премиерот Мицкоски обвинувајќи го дека ја води земјата во изолација. Му порача на премиерот убаво да размисли што ќе и каже утре во Скопје на шефицата на ЕК, за да не му суделе идните генерации.

Филипче губи контрола, вакви срамни навреди кон претседател на Влада не и доликуваат на една опозиција, му возвратија од мнозинството. Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ го обвини дека шири говор на омраза како уценет човек. Бараат јавно да каже дали зад неговата нервоза стојат преземени политички обврски кон Бугарија.

- Филипче не штедеше зборови и кон неговите сопартијци од платформата !2 и 5 кои бараат негова смена.. Им се обрати со фразата на Бранко Црвенковски од изворите во 98-ма.

- Од платформата му порачаа на Филипче наместо со сопартијците да се пресметува со власта.  Најавија дека и покрај неговото противење, ќе ги достават предлозите за структурни реформи во СДСМ.

Сиот личен бес го истура врз оние кои мислат поинаку од него. Користи крајно примитивен речник, се служи со подмолни конструкции, лично ги навредува и со сите сили се обидува да дискредитира докажани партиски борци кои и во изминатите две години и сега искрено и чесно сакаат да помогнат за посилен СДСМ.

Да го трошеше истото време за вистинска борба против Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, партијата и членството немаше да биде во ваква незавидна состојба. Меѓутоа, нам ни се јасни причините за ваквото негово поведение, тој е во паника дека се одмотува клопчето, излегува на виделина највалканиот политички дил од независноста до денес, реагираат од платформата.

И покрај превирањата во опозициската партија, Филипче тврди дека пратеничката група е единствена и стои позади него. Сепак на прес конференцијата во Парламентот не се појавија пратениците Петровска и Ковачевски.