Македонија
19. July 2020 - 16:41

Полни дискотеки низ државата, пазарниот инспекторат најавува затворање на објекти оти никој не почитувал протоколи

Бурни реакции по социјалните мрежи од страна на граѓаните за работата на угостителските објекти во време на пандемија и групирањето без соодветна заштита. Прашуваат каде се инспекциите и дали реагираат соодветно.   Денеска на социјалните мрежи и порталите актуелно е видео од синоќешната забава од клуб во Струмица на кое се гледа присуство на голем број гости кои не носат маски. Сител го контактираше клубот Аватар каде е снимено видеото, а од таму  ни одговорија дека тие работат по закон и согласно предвидените протоколи.

„Прво, сакаме да ги демантираме информациите во кои се вели дека сме ноќен клуб. Не се работи за ноќен клуб,  туку за кафе бар. Објектот е на отворено и работи согласно сите законски прописи. Масите се на соодветно растојание, на сите има средства за дезинфекција, вработените постојано носат  заштитни маски.  Ние немаме надлежност да ги тераме гостите да носат лична заштита, тие самите одговараат за себе. Работиме на исти начин како и сите други угостителски објекти во градот. Не сме единствените, скоро во секој втор локал во градот кој е за неколку пати помал од нашиот  има слични забави, но за тоа никој не реагира и не споделува фотографии и видеа по социјалните мрежи. Никој не реагира ниту за гужвите што се прават на јавните површини каде што наместо да се движат  граѓаните има поставено маси, а потребното растојание воопшто и да го нема“, велат од кафе бар Аватар.

Од државниот пазарен инспекторат велат дека случајот во Струмица не е единствен. Слични ситуации деновиве имало и во други градови. До нив стасале пријави за угостителски објект во Прилеп и базен во Виница. Во Прилеп кога инспекторите пристигнале на терен објектот веќе бил затворен, додека во Виница инспекторите постапиле согласно закон. Во петокот контрола правеле и во струмичкиот клуб каде што велат дека биле констатирани неправилности во работењето. Направен бил записник и поднесена соодветна пријава. Во телефонски разговор директорот на инспекторат вели дека ќе бараат повторно да им се врати надлежноста за директно затворање на локалите како што тоа беше случај за време на вонредната состојба .