Утврдени цени, но без откуп, дел од лозарите ги копачат лозјата
Наместо да ги прошируваат насадите и да инвестираат во производството, дел од лозарите се одлучуваат на најтешкиот чекор, да ги искорнат лозјата. Причината ја гледаат во растечките трошоци, ниските откупни цени и неизвесноста дали произведеното грозје воопшто ќе биде продадено.
Таков е случајот со некои лозари од неготинското село Тремник, каде започнаа да ги копачат лозовите насади. Лозарите тврдат дека утврдените откупни цени од 21,8 денари за килограм вранец и 20 денари за смедеревка откупувачите не ги почитуваат. Во Неготино го откупувале селективно, па биле принудени да го носат 60 км подалеку, во Гевгелија, каде се откупува по значително пониска цена.
-Ниту белото, ниту црното. Го земаат само од нивни луѓе, а нашето не го земаат. И цената ја урнаа, 14 денари килограм грозје се откупува и тоа во Гевгелија да го носиш, а 2000 денари дневница плаќаш аргати. Срамота е тоа. Сите се разочарани и ќе го остават, нема да го работат, изјави лозар од Неготино.
Производството бара постојани вложувања, од резидба и обработка на земјата, до заштита на лозјата и берба. Кога на тоа ќе се додадат неизвесниот пласман и ниската заработка, за многумина лозарството станува економски неодржливо.
-Ќе ги иставам, што да правам. Ќе ги ископачам и ќе го продадам. Не можам повеќе да го работам. Десет декари имам, ќе земам аргати и ќе го „капам“ ќе го правам ракија. Катастрофа е, додаде лозарот
Копачењето на лозјата не е само загуба за индивидуалните производители. Тоа отвора прашања за иднината на домашното производство на грозје, капацитетите на винската индустрија и опстанокот на традиционалното лозарство во Тиквешијата и другите лозарски региони. Лозарите очекуваат конкретни решенија за сигурен откуп и одржливи цени.
Во спротивно, ризикот е секоја следна сезона да носи сè помалку лозови насади, а со нив и сè помалку луѓе подготвени да продолжат да се занимаваат со оваа дејност.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
