Македонија
28. November 2026 - 16:33

Дебелината кај децата, аларм за родителите и институциите

 Дебелината сè почесто ги погодува и најмладите. Лекарите предупредуваат дека последиците од нездравите животни навики во детството можат да бидат долгорочни.

- Обезноста, или дебелината, претставува една глобална пандемија. Можеби причините се начинот на исхрана и недостатокот на физичка активност. Многу поалармантно е тоа што треба сите да го вклучиме алармот, затоа што се појавува уште во најрана возраст. Значи, сведоци сме на дечиња кои уште од рана возраст имаат преголема телесна тежина, што се рефлектира врз нивниот нормален физички, меѓутоа и когнитивен понатамошен развој, изјави Валентина Митрова, лекар по семејна медицина

Забраната за чипсови, грицки и обоени сокови во едно штипско училиште отвора и едно друго прашање – каква алтернатива им се нуди на учениците?

- Тоа е еден мал, меѓутоа голем чекор. Меѓутоа, сето тоа би било одлично ако се воведат и мензи, како што има во некои градови во Македонија. Затоа што децата треба да јадат подготвена храна со салати, а не само да им ги укинеме овие производи. Тука навлегуваме во еден друг проблем. Не секој може да му обезбеди на своето дете здрава храна, изјави Митрова.

На преиспитување се и навиките во семејството. Не сè што традиционално се подготвува на македонската трпеза е и здраво.

- Анализирајќи ги нутритивните вредности, немаат голема хранливост, затоа што неколкупати термички се обработуваат. Вкусно е, меѓутоа, како здрава храна не би ја класифицирала, додаде Митрова

Избалансирана исхрана, повеќе движење и помалку време пред екраните се дел од препораките за поздраво детство.