Македонија
27. August 2020 - 16:38

Пендаровски бара посветеност на ЕУ и чисти антикорупциски записи

Чисти антикорупциски записи на новиот владин кабиент очекува шефот на државата Стево Пендаровски од Владата Заев откако тој вчера го достави предлог списокот за министри и владина програма во парламентот. Пендаровски очекува новата Влада да ја реализира и ЕУ агендата.

„Новата Влада на Република Северна Македонија треба целосно да ја спроведе #ЕУ агендата во клучните области. Основниот предуслов за успех е да се соберат највештите личности, без оглед на нивната политичка или етничка припадност. Очекувам да видам луѓе со силни проевропски и демократски капацитети, со чисти антикорупциски записи“, порачал Пендаровски на онлајн настан на Маршал Центарот за безбедност.

На предлозите на Заев реакции стигнуваат и од опозциската ВМРО-ДПМНЕ.  Велат дека Заев предложил истрошени кадри кои не можат да го реалзираат ветеното во владината програма. Пратеници од ова апартија пак, се пожалија и на тоа дека прекраток е рокот кој што собранискиот спикер Џафери им го дал на народните избраници да се подготват за аргументирана дебата околу владината програма.

„Ако речат дека причината е брзањето заради ефикасни институции, манипулираат, бидејќи доколку навистина им се брзаше, едниот немаше да оди на летен одмор после избори, ниту пак другиот ќе ја прекинуваше собраниска седница заради мекици. Со ваквото непочитување на власта кон пратениците за жал нема да се создаде стабилна политичка атмосфера во работата на Собранието“, вели Милошоски.

Од власта пак, коментираат дека министрите се квалитетни кадри, а опоазицијата треба да се реформира.

Собраниската седница на која ќе се дебатира и избира владата на мандатарот Заев е закажана веќе за во сабота. Владината коалиција што ја сочинуваат СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието располага со 62 пратеника, само еден повеќе од потребното мнозинство за Владата да биде избрана. Според Деловникот, седницата може да трае најмногу два дена, што значи дека државата ќе има политичка Влада веќе во понеделник.