Македонија
11. November 2020 - 20:21

Расте бројот на заразени здравствени работници во Струмица

Расте бројот на здравствени работници од Струмица позитивни на ковид 19. Во моментов 13 медицински сестри и двајца доктори од општата болница се наоѓаат во изолација бидејќи било потврдено дека се позитивни на  вирусот. Сето ова дополнително го отежнува работењето на болницата во која секојдневно пристигаат нови случаи позитивни на корона. Директорот вели дека организацијата на работата оди тешко, но се правеле  максимални напори и во вакви услови да одговат на потребите на сите пациенти.

„Имаме тешкотии во организацијата да се работи во сите амбуланти, а треба фокусот да го насочиме кон пациентите кои што се со ковид болест затоа што се тие сериозни пациенти и треба да им се обрати повеќе внимание. Затоа сестри и доктори ги ангажираме од цела болница за да може да биде полесно на сите. Целиот капацитет што го имаме од доктори што може да бидат вклучени во лекувањето и третирањето на пациентите со ковид 19 е фокусиран на инфективна амбуланата и инфективно одделение“, вели д-р Наќе Гогов, директор на општа болница Струмица.

Малиот број на медицински персонал го прави неизвесно и отвaрањето на новиот ковид центар сместен во новото болничко крило. Моментално  на инфективното одделение има хоспитализирано 22 лица, а 44 секојдневно примаат терапија во дневна болница. Според најновите во Струмица има 625 активни случаи на корона вирус.