Македонија
20. December 2020 - 16:32

Корона кризата ја зголеми невработеноста во Гевгелија, затворената граница ја уништува локалната економија

Корона кризата ја зголеми невработеноста во Гевгелија за три пати. Една од главните причини е затворената граница и намалениот проток, пред се на грчки државјани. Според информациите на локалната самоуправа, од март па до средината на декември во оваа општина биле регистрирани околу 1400 нови невработени лица. 80% од нив се отпуштени работници, пред се од услужниот сектор кој претставува и темел на локалната економија.

„Најголем дел тие се отпуштени вработени од казино секторот, од стоматолошкиот сектор, од угостителството и сето тоа што е поврзано со услугите“, вели Сашко Поцков - градоначалник на Гевгелија.

За ублажување на економските загуби, освен државните, општината донесе и свои мерки. Од таму велат ингеренциите се мали, но се надеваат дека и нивниот пакет ќе биде значаен за бизнис секторот чие нормализирање, сепак ќе зависи од крајот на здравствената криза и отворените граници.

„За Гевгелија е битно да се каже и тоа што е обележје е тоа што кога македонската економија се одвива во нормални околности, нормални услови во Гевгелија локалната економија во такви услови можам да кажам дека има најбрза динамика, меѓутоа во обратна насока кога условите се променуваат и заради отвореноста на границата, кога македонската економија оди со забавено темпо, гевгелиската економија оди со уште по забавено темпо“, вели Поцков.

Границата со Грција за проток на патници беше затворена во март годинава. Од тогаш,  скоро и да нема никаков влез на патници. Единствените кои во овој период ја минувале границата се малиот број на претставници од бизнис секторот кои овде имаат свои претставништва. Но, поради новите мерки на грчката влада за задолжителен ПСР тест на сите кои влегуваат во нивната држава движењето и на овие лица е сведено е сведено на минимум.