Македонија
13. February 2021 - 16:42

Отпадни води и фекалии се влеваат во Охридското Езеро

Отпадни води се излеваат во Охридското Езеро. Инспекторите за животна средина по претставка на политичката партија Левица, при извршениот надзор врз функционалноста на колекторот што ги одведува отпадните води од населбите долж Охридското Езеро до станицата за пречистување во Враништа констатирале дека четирите препумпни станици се функционални, но поради дождовите, како и собирањето, односно одведувањето на фекалните и атмосферските отпадни води во заедничка, наместо одделна мрежа, утврдено е прелевање на отпадните води во езерото.

- Заштитата на Охридското Езеро е со највисок приоритет и затоа општините и Јавното претпријатие „Колекторски систем“ мора да добијат финансиски средства за целосна реконструкција и санација на канализацијата, колекторот и пречистителната станица. Во меѓувреме овие надлежни институции ќе бидат задолжени од Инспекторатот да реализираат итни мерки што ќе придонесат да се намали излевањето на отпадните води во врнежливи периоди, нагласуваат од Државниот инспекторат за животна средина.

Екологистите во повеќе наврати посочуваа дека потребна е изградба на нов колекторски систем наместо санација на постојниот, тие велат дека недозволиво е во период кога Охрид е на работ да биде ставен на листата на загрозени подрачја да се излеваат фекалии и да се загадува езерото.

Од јавното претпријатие „Колекторски систем“, пак, посочија дека во текот на минатата година била извршена санација на дел од колекторскиот систем и ревитализација на повеќе пумпни станици на источното и дел од северното крајбрежје.