Македонија
14. February 2021 - 16:42

Непроспиена ноќ за производителите на раноградинарски култури

Врнежите од снег добредојдени за житните посеви, но им направија проблем на рано градинарите кои одгледуваат под пластеници. Голем дел од нив ноќта ја поминаа будни во обид да го заштитат производството и чистејќи ги снежните наноси од нивните оранжерии и фолии. Стравуваат дека е можно ваквата состојба негативно да се одрази на дел од културите како пролетната зелка која одамна е засадена и од која првите количини се очекуваа за дваесетина дена.

„Нашиот земјоделски производител градинар веќе се подготвуваше и дел од своите култури, конкретно зелката веќе по одамна е излезена, како под пластениците така и не мал дел производители кои се занимаваат со одгледување и производство на зелка се излезени на постојано место. Мораме да кажеме дека нашиот земјоделски производител, поготово тие што се занимаваат со пластеничко производство синоќа и денес мора да бидат на своите пластеници, да контролираат да не дојде до оштетување од поаѓањето на снегот“, вели Ристо Велков - земјоделски производител.

Ваквата состојба со интензивни врнежи од снег и ниски температури може сериозно да ги зголеми и производствените трошоци.

„Тука пред се спаѓаат оние кои што имаат засадено лута пиперка па и домати под контролирани услови. Тука имаме зголемување на трошоците и тоа доста ќе влијае во самата цена на чинење на производите“, додава Велков.

Според последните мерења во струмичко висината на снежната покривка изнесува 15 сантиметри.