Со какви проблеми се соочуваат учениците при онлајн наставата?
Освен техничките проблеми кои се јавуваат на самата платформа, учениците во онлајн наставата се соочуваат и со низа други кои ги прават тие самите меѓу себе. Ова го покажало истражувањето на училишниот парламент на основното училиште „Сандо Масев“ од Струмица. Од спроведената анкета меѓу 316 ученици од шесто до деветто одделение било заклучено дека најголемите проблеми ги прават неодговорните ученици исклучувајќи ги микрофоните како на нивните соученици, така и на наставниците. Имало и примери кога некои од нив од час ги исфрлаат и самите наставници.
На прашањето дали има препишување за време на онлајн наставата голем процент одговориле потврдно, но на прашањето дали тие лично препишуваат процентот е за два пати помал. Голем број се пожалиле на намалена доверба од страна на наставниците, но и на потешкотии во следењето настава поради слаб интернет.
Резултатите од анкетата биле презентирани пред сите ученици, но и пред наставниците и советот на родители. Од училиштето велат дека ваквиот начин на работа е многу значен бидејќи преку ученичкиот активизам може многу подобро да се запознаат нивните проблеми, но и да се дојде до решение.
Истражувањето е направено кон крајот на првото полугодие од оваа година. Од ученичкиот парламент на „Сандо Масев“ најавуваат уште едно вакво истражување на крајот од учебната година за да се види дали и колку има промени во состојбата.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
