Македонија
31. March 2021 - 15:05

Денеска во Здравствениот дом во Прилеп започна вакцинацијата со вакцината „АстраЗенека“

Денеска во Здравствениот дом во Прилеп започна вакцинацијата со вакцината „АстраЗенека“ за лицата над 77 годишна возраст. Граѓаните кои се пријавија за вакцинација велат дека не се плашат од вакцината и дека истата ја препорачуваат на сите, затоа што тоа, според нив, бил единствениот начин човек да се заштити од овој вирус. Велат дека се свесни дека можеби има и мал ризик, но сепак тоа го имало и кај секоја вакцина.

„Секако дека ќе се вакцинирам и сметам дека тоа е најубавото нешто што треба да се вакцинира секој еден. Треба сите да се вакцинираат и нема потреба од страв“, рече една граѓанка.

„Целиот македонски народ што побргу да се вакцинира, да верува во вакцината“, додаде друг граѓанин.

„Кажуваат, не се ефикасни, вакви такви.  Јас си се вакцинирав, па сега, како рекол Господ, така“, истакна друга граѓанка.

„Ризикот во секоја вакцина мора да го има, па и во оваа. Подобро да се вакцинираш, отколку да чекаш што ќе се случи секој ден“, додаде друг граѓанин.

Прилеп засега доби 900 вакцини, а во текот на овој ден треба да се вакцинираат 90 граѓани. Од утре ќе се вакцинира на два пункта во Здравствениот дом.

„Од она што го имам како информација досега сите што се вакцинирале сите се чувстуваат добро. Обезбедено им е да престојуваат уште 15 минути во пунктот после вакцинирањето“, изјави Кети Смилеска, директорка на општа болница Прилеп.

Инаку ситуацијата во приилепската болница во овој момент е критична. Имало 120 лежечки пациенти од кои 90 биле на кислородна поддршка, а слободни биле уште само 4 легла. Во петок се планира да се пушти модуларната болница која има капацитет да прими 35 пациенти.