Македонија
30. April 2021 - 19:49

Храмовите полни за Велики петок, властите со апел да се седи дома

Најтажниот ден велики петок црквата го одбележува со царски часови во кои се читаат настаните пред распнувањето на Исус Христос. Свештениците спомнуваат за страдањата христови а во храмовите симболично беше поставен крстот на кој бил осуден и распнат синот божји. Од денеска во црквите е поставена плаштеницата под која верниците се протнуваат и оставаат црвено јајце, се до утре попладне пред да почнат подготовките за дочекот на  воскресението.

 Во Пресвета Богородица и во Соборниот храм редот го спроведуваа редари поставени од црквата. Верниците со маски и на дистанца присуствуваа на службата. За нив овој ден е многу тажен а истовремено се радуваат што за разлика од ланскиот карантин, овој Велигден можат да ги посетат храмовите.

Премиерот Заев по повод Велики петок преку социјалните мрежи упати апел до верниците да не ги преполнуваат храмовите туку да се молат од дома во кругот на семејството. Причеста која се прима по секоја литургија и за овој Велигден  повторно предизвика осуда и реакции во јавноста. Откако министерот Филипче го осуди причестувањето со иста лажичка,  реагираше Митрополит  Петар Преспанско Пелагониски кој порача луѓето што се неверници и што се против Бога да не се мешаат во црковните работи, бидејќи Црквата не се меша во работата на државата. На ова министерот директно му одговори  на владиката дека е зачуден од неговиот  игнорантски однос за можните последици и порача како верски авторитет тој прв треба да служи за пример.