Македонија
1. јуни 2021 - 21:16

Што содржат 10-те амандмани на коалицијата АА/А за законот за државјанство?

Иселениците и нивните потомци од прво колено ќе можат да станат државјани без да го познаваат македнскиот јазик, што досега не беше случај. Ова е еден од 10 договорени амандмани меѓу Заев, Села и Гаши за законот за државјанство, а до кои дојде Сител, но кои партиите и од власта и од албанската опозицијата не сакаа да ги претстават во јавност.

Попуст се прави и во редовната постапка за добивање на македонски документи. Државјанаство ќе се добива со најмалку 7 години постојан престој во државата, наместо досегашните 8 години. Одлуката за добивање на државјанство државата ќе мора да ја донесе во рок од 6 месеци од понесното барање

Наместо тројца сведоци, како што предлагаа Алијанса на Албанците и Алтернатива ќе е потребен само еден документ од листа од 16 за македонско државјанство да добијат државјаните на пораншената СФРЈ кои до независноста на Македонија живееле на оваа територија, надвор од редовната процедура.

Во листата на документи набројани во амандманот стојат: извод од матична книга, доказ од училиште, работничка книшка или докази за заснован работен однос, доказ за платен данок во Македонија, но и пасош од СФРЈ, лична карта од СФРЈ или Социјалистичка Македонија, здравствена книшка, штедна книшка... Оваа одредба ќе важи само 3 години, потоа ќе мора да се исполнуваат општите услови за стекнување на државјанство.

Останува и решението од предлогот на Алијанса и Алтернатива за оние лица кои како малолетници се откажале од државјанството повторно да можат да добијат македонски документи до 25та година ако непрекинато живееле во Македонија само една година. Досега за оваа категорија на лица условот беше 3 години престој.

Амандманите, за да се искористи процедурата на веќе поднесените измени од Алијанса и Алтернатива, во Собранието влегуваат како комисиски на комсијата за одбрана и безбедност. Но, опозицијата вчера не дозволи расправа по нив и побара јавна дискусија за измените. Единствено што доби од власта е да ги разгледа договорените амандмани. Лидерот на опозцициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски денеска најави дека ќе имаат забелешки.

Измените на законот за државјанство на албанската опозиција веќе половина година ја блокира непречената работа на парламентот. Првичниот предлог не беше прифатен од владејачката СДСМ.  ВМРО-ДПМНЕ пак, имаше над 500 амандмани кои беа повлечени за да се донесат ковид мерките што поради овој закон ги имаа блокирано Алијанса и Алтернатива.