Угостителите од Охрид бараат да запре уривањето на дивоградби во сезона, општината ги одби
Охридскиот угостителски еснаф бара итна седница на советот и одлагање на рушењето до крајот на туристичката сезона .Тие сакаат да се слушнат ставовите на сите засегнати страни , да се изнајдат решенија за усогласувања на објектите долж охридското езеро согласно препораките на Унеско и да се знае конечната визија за тоа како би требало да биде уредено крајбрежјето во интерес на градот .
Градоначалникот Георгиески пак на последната прес конференција посочи дека нема да има селективност во уривање на плажите чии концесии се истечени уште пред неколку години и најави дека акциjата ќе продолжи и во градската зона од каналот „Студенчишта“ кон „Горица 1“ и плажите во делот на населбата „Канео“.
На одржаниот состанок попладнево помеѓу двете советнички групи предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Георгиески експресно е одбиено барањето на Охридски еснаф со образложение дека Советот нема ингеренции да расправа по ниту една од предложените точки .
-Двете советнички групи го застапуваат ставот дека не постои правна и законска претпоставка за свикување и одржување на итна седница врз основа на вакво барање, ниту пак советот може да донесе одлука во врска со предложените точки, се вели во соопштението.
Двете советнички групи сметаат дека е од исклучителна важност Охридскиот регион да го задржи статусот на Светско природно и културно наследство на УНЕСКО и ги повикуваат сите надлежни институции да постапуваат во согласност со своите надлежности во насока на исполнување на препораките.
-

Нина Аритоновска
Сите содржини од овој новинар
