Македонија
8. јуни 2021 - 12:25

Еколошки здруженија бараат референдум за изградбата на хидроцентрала на Мала Река

Здружението за заштита на животната средина Грин.орг од Кочани, до локалната самоуправа поднесе барање за распишување на референдум за граѓаните да се изјаснат дали се ЗА или против изградбата на мала хридроцентрала на Мала река во непосредна близина на атрактивната туристичка дестинација –вештачкото езеро „Брана-Гратче“. Првиот човек на општината документот веднаш го препратил во правните служби на разгледување на законските можности кои се во нивна ингеренција. 

Доколку со Законот е предвидено една таква иницијатива да биде прифатена, ние како локална самоуправа секако дека ќе ја прифатиме и ќе ја поддржиме, меѓутоа и обратно, доколку немаме таква надлежност, ние ќе одговориме согласно законите – изјави Николчо Илијев, градоначалник на општина Кочани.

Од ГРИН.ОРГ велат дека според нивни сознанија постојат два законски акти за распишување на референдум. Едниот е преку собирање на потписи од 20 % од жителите на општината, а вториот или пократкиот пат е Советот да донесе ваква одлука.

Ние се надеваме дека Советот ќе ја изгласа оваа точка и ќе им овозможи на граѓаните демократски да се произнесат дали се ЗА или против изградбата на оваа мала хидроцентрала - изјави Ана Симонова - Грин.орг - Кочани. 

Граѓаните стравуваат дека ќе биде уништена постојната флора и фауна на излетничкото место, кое е вистински туристички бисер во регионот. 

Ендемските типови, како малите ракчиња кои живеат сега во Мала река ќе ги снема, тоа е сигурно. Второ, при доток на водата ќе имаме промени во самата акумулација, брана „Гратче“, а тоа пак ќе влијае и врз рибниот фонд и врз таложењето на талогот, што ќе го намали капацитетот на самата брана - изјави Зоран Тодоров, Одбор за живот во Кочани.

Доколку мини хидроцентралата сепак започне да се гради, реална е опасноста и од раскопување на неодамна реконструираниот единствен асфалтиран пат кој води до туристичката локација и кој е забранет за транзитирање на камиони и тешка механизација.