Македонија
10. јуни 2021 - 12:26

ДЗР утврди голем број пропусти при легализација на дивоградби во Охрид

Легализацијата на бесправно изградените објекти во Охрид сериозен тест за зачувување на светското природно и културно наследство. Државниот завод за ревизија констатирал дека охридската локална самоуправа не носела стратешки документи во врска со постапување со дивоградбите, во регистарот на поднесени барања за утврдување правен статус не биле наведувани локации, површина на објектите што се предмет на легализација и други важни податоци.

Недоволно уредената законска регулатива за спроведување на легализацијата, честите продолжувања на рокот на поднесување на барање и комплетирање на документацијата, недоволна кадровска екипираност, недоследна примена на законски предвидените услови и рокови за постапување, сложеноста на процесот на донесување на урбанистичко планска документација, носењето одлуки за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистичките планови и постапките за легализација, како и нецелосно почитување на законските одредби  во надлежност на Министерството за транспорт и врски, влијаеле врз тоа како Општина Охрид досега се справуваше со проблемот со дивоградбите. Ова е заклучокот на ревизорите кои го истражувале спроведувањето на Законот за легализација на дивоградбите во периодот од 2011 до 2020 година на подрачјето на Општина Охрид.

Во извештајот се наведува дека во Регистарот за поднесени барања  за утврдување на правен статус  на бесправни објекти заклучно со месец септември 2020 евидентирани се вкупно 15 939 барања за добивање правен статус на 19 935 објекти. Од нив одобрени се 30 проценти а одбиени се 19 посто од барањата.

Оваа состојба укажува дека за повеќе од половина објекти за кои е поднесено барање за добивање правен статус сеуште не се донесени решенија.Од предметите за кои е во тек постапка за легализација ревизорите утврдиле дека од поднесени барања за 2763 објекти во крајбрежниот појас од 50 метри на Охридското езеро се 416 објекти додека во границите на Националниот парк Галичица се 2347 објекти.

Во ревизорскиот извештај се истакнува дека изградбата на бесправно изградените објекти негативно се одразува на урбаниот развој и на зачувувањето на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, а дека начинот на кој тие се легализирале, честопати не се одвивал според целите на законот.

Објавувањето на извештај доаѓа откако УНЕСКО предупреди дека Охридскиот регион може да се  најде на листата на загрозоени подрачја во кој како еден од главните проблеми што го загрозуваат статусот на Охрид се токму дивоградбите.