Џафери попладнево ги распишува изборите, ДИК најавува демократски процес
Локалните избори на 17 октомври попладнево ќе бидат распишани од собранискиот спикер Талат Џафери со што почнуваат да течат роковите за изборни активности. Од Државната изборна комисија велат дека се подготвени, а завршила и постапката за набавка на опрема за гласање со отисок од прст. Избрана е германската компанија Дермалог со која наредните денови ќе се склучи договор.
Но, неизвесно е дали изборите ќе бидат спроведени по новите изборни правила со кои се предвидуваат прагови за незавнисни листи и за префериран советник.
Имено, измените на Изборниот законик се блокирани во парламентот. Собраниски извори коментираат дека Измените на Изборниот законик веројатно ќе се најдат на седница на 17 август веднаш откако пратениците ќе се вратат од одмор. Неофицијално прагот од 2 отсто избирачки потписи за независни листи ќе биде тргнат од нив, но не се знае дали ова ќе е доволно Левица да ги повлече 770 амандмани.
Според Изборниот законик изборната кампања почнува три недели пред изборите, но партиите веќе се на терен. Владејчката СДСМ најави и меѓусебна поддршка со владините коалициски партнери ДУИ, БЕСА и ДПА. И власта и опозицијата веќе објавија и дел од кандидатите за градоначалници иако официјално тоа ќе треба да го сторат на почетокот на септември.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
