Мицкоски најавува прославите како на 8 Септември да станат пракса, опозицијата бара истрага за парите од Лотарија
Синоќешното видео кое го објави Дејвид Гета со благодарности до македонската публика, кое премиерот Мицкоски го сподели на неговиот фејсбук профил, беше повод за премиерот да најави ваквите прослави да станат пракса. Наместо вишокот пари од Државната Лотарија да завршува во приватни џебови како кај претходната власт, новиот закон за игри на среќа овозможува резервите од Лотарија да се трошат за поддршка на културни настани.
И денеска опозициската СДСМ бара да се објават договорите за организирање на прославите за денот на независноста, доколку Владата не ги објави, мора да се отвори истрага. Власта крие суми, документи и договори за каде завршиле пет милиони евра од Државната лотарија, велат од опозициската партија.
Од Левица бараат итно објавување на целата финансиска документација и одлуката со која 300 милиони денари од Лотарија се одвоени за прославата. Од партијата порачуваат дека пет милиони евра се државен капитал и мора да останат јавна работа, а не да се користат за партиски интереси.
„Каде е одлуката со која добивката за 2024 е распоредена и оставена како нераспределена или акумулирана, а потоа каде е актот врз чија основа дури 300 милиони денари од тие средства се насочени кон оваа прослава?” , прашуваат од опозициската партија.
По настапот на Дејвид Гета и завршувањето на прославите за Денот на независноста, на прес-конференција беше соопштено дека целата серија настани чинела вкупно 340 милиони денари. Од нив, 300 милиони се од Државна лотарија, за кои владината портпаролка појасни дека не се буџетски пари, туку нераспределена добивка од 2024 година на Државната Лотарија, додека преостанатите 40 милиони денари се донации од приватни компании. Но каде точно се распределени парите не соопштија.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
