Македонија
27. August 2021 - 16:52

Максим Димитриевски оди сам во битка за Куманово

Откако пред два дена не ја доби поддршката од раководството на матичната СДСМ, градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски денеска објави дека ќе се кандидира за нов мандат како независен кандидат.  Граѓанските потписи за негова поддршка веќе се собрани.

Димитриевски се оддалечи од раковдството на СДСМ лани, поради мерките за справување со короната кога Куманово беше една од најпогодените општини. Вели дека останува социјалдемократ по убедување и затоа се уште очекува поддршка од СДСМ, но вели дека очекувал и поголема демократија внтре во партијата.

Димитриевски ќе настапи и со независна листа на советници, а носителка ќе биде жена. Тврди дека ужива највисок рејтинг на анкетите во градот.

Од СДСМ велат дека наскоро ќе го објават нивниот кандидат за Куманово, а потегот на Димитриевски им го олеснува изборот на граѓаните.

 „Тој што им врти грб на граѓаните, на поддржувачите на демократската и прогресивната опција, на членството и базата на СДСМ, не може да биде најдобра опција за кумановци. За СДСМ, интересот на граѓаните на Куманово бил и секогаш ќе биде пред интересот на Максим Димитриевски или бил чиј друг личен интерес“, коментираат од СДСМ.

Во меѓувреме, откако не влезе во трката за втор мандат за Карпош, Стефан Богоев потврди дека заминува на директорското место во Царина.

Поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска пак, ќе се кандидра за градоначалник на скопската општина Кисела Вода со поддршката од коалиција „Со граѓаните ДОМ и ЛДП“.

Расте интересот за независни кандидати и за главниот град. Откако тоа го најавија претседателката на ССК Данела Арсовска за која поддршка се најавува од ВМРО-ДПМНЕ и Петар Ѓорѓиевски – Камказа со поддршка на Левица, како независен кандидат се пријавува и поранешниот пратеник на НСДП Љубомир Јосифовски.