Македонија
31. August 2021 - 21:16

Каде нема да почне учебната година со физичко присуство?

Онлајн ќе стартуваат средношколците во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга. Владата по препорака на Комисијата за заразни болести одлучи во Тетово и Гостивар за 14 дена да се одложи настава со физичко присусво додека во Кичево и Струга само 7 дена. Оваа одлука е на барање на општините од каде алармираа дека состојбата со новозаразени е загрижувачка. Градоначалникот на Струга е задоволен од одлуката, но смета дека периодот е краток. Вели на настава најверојатно ќе можат да почнат само оние кои учат во ридско планински училишта бидејќи таму нема интернет.

Во училишните клупи нема да седнат ниту основците во „Димитар Македонски“ во скопско Лисиче каде нема училишна зграда. Се уште не е завршена реконтрукцијата која трае веќе 4 години. Овие 500 ученици од 1 до 9 одделение ќе учат онлајн. Настава во училница ќе нема ниту за гимназијалците од прилепското средно „Мирче Ацев“. Прашање е дали и како ќе ја почнат учебната година и средношколците од скопско ГУЦ „Здравко Цветковски“ бидјеќи во училиштето нема струја. Од училиштето ги информирале дека поради менување на електрична инсталација наставата ќе се одвива онлајн.

Од МОН добивме потврда дека поради градежни активности и со согласност на совет на родители наставата извесен период ќе се одвива од далечина во неколку училишта. Образовниот процес почнува секаде на 1 септември со полн капацитет велат од МОН. Исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронични болни.