Loading Video...
Свет
6. September 2021 - 12:30

ЕУ повика на воздржаност по судирите во Цетиње

По судирите во Цетиње, Европската Унија и амбасадите на Франција, Германија, Италија, Британија и САД повикаа на воздржаност и помирување во Црна Гора.

Европската Комисија е загрижена за развојот на ситуацијата во Црна Гора. Портпаролката Ана Писонеро изјави дека слободата на собирање е основно право на ЕУ, но дека тоа право истовремено треба да се применува без штети за јавното здравје и со целосна почит кон владеењето на правото, јавниот ред и безбедноста на сите граѓани на Црна Гора.

„Секоја употреба на сила мора да биде одмерена и пропорционална во секој момент. Повикуваме на воздржаност и очекуваме сите надлежни органи соодветно да истражат и обезбедат ефикасно судско процесоирање на сите случаи на насилство, како против демонстрантите, така и против полицајците, истакна портпаролката на ЕК.“

По вчерашното устоличување на митрополитот Јоаникије кое помина во драматична атмосфера во Цетиње, српскиот патријарх Порфирије откри дека се подготвувало најлошото сценарио. Поглаварот на СПЦ рече дека устоличувањето било во опасност од атентат и дека во околината имало луѓе со снајперска пушка кои имале намера да го спречат црковнит чин. Тој на социјалните мрежи објави фотографија од аеродромот на заминување и напиша:

„Се разделувам но се надевам не за долго со оваа благословена земја и луѓето, со двојно чувство. Многу сум среќен бидејќи го извршивме делото на Црквата, го востоличивме митрополитот според волјата на црквата и луѓето од оваа епископија, народ кој длабоко ја сака црквата на Свети Сава. Но, јас сум повеќе од тажен, дури и ужаснат од фактот дека во видео кругот беа некои луѓе кои тој чин на љубов кон сите имаа намера да го спречт со снајперска пушка“.

Од Подгорица до Цетиње поглаварот и митрополитот беа донесени со хеликоптер до манастирот а денот помина во тензична атмосфера.

Митрополитот беше устоличен и покрај силното противење и демонстрации на голем број граѓани предводени од демократската партија на социјалистит на претседателот Мило Ѓукановиќ.