Преглед на вестите од светот
Најмалку пет лица, меѓу кои и едно дете, загинале во напад врз куќа во јужен Иран каде се одржувала свадбена прослава, соопштија иранските власти, обвинувајќи ги САД за нападот.
„За жал, ова е семејна куќа и населена област и, за жал, се случи непријатен инцидент на свадбата на мојата ќерка, за жал, со дронови. Два дрона ме оставија многу, многу загрижен и вознемирен сè досега, и навистина не знам што да кажам. Само му благодарам на Бога што жртвите не беа повеќе од ова.“
САД и Иран повторно се на работ на нов воен судир по најжешката размена на оган во последните неколку недели. Додека Вашингтон се заканува со уште пожестоки напади, Техеран обвинува дека во американски напад врз свадба загинале петмина цивили, а десетици се ранети.
Американската армија потврди дека гаѓала клучни воени цели на Иранската револуционерна гарда во близина на стратешки важниот Ормутски теснец, вклучувајќи радари, противвоздушна одбрана и бродови.
Од друга страна, Иран возврати со напади врз американски бази во Јордан и Ирак.
- Оваа офанзивна операција против Американците ќе продолжи на одлучен начин сè додека не се покаат за своите злосторства. Предупредуваме дека продолжувањето на американските провокации во регионот ќе наиде на потешки, пошироки и поуништувачки одговори, а секоја земја што соработка со агресорската армија на САД мора да ги прифати опасните последици.
Иако Техеран тврди дека има загинати американски војници, Вашингтон демантира и соопштува дека според првичните информации нема жртви на нивна страна.
Група од единаесет членки на ЕУ бара да се разгледа можноста за воведување квалификувано мнозинство наместо консензус при носењето одлуки во надворешната политика, со цел да се стави крај на „опструктивните“ вета кои ги кочеа европските процеси изминатиов период. Оваа иницијатива преку заедничко писмо до високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, ја поддржаа Белгија, Данска, Австрија, Финска, Германија, Франција, Луксембург, Шпанија, Холандија, Романија и Шведска.
Како најголема држава во блокот, Германија се издвојува меѓу главните иницијатори за промена на системот на одлучување во надворешните работи на Унијата.
„Надворешното дејствување на Унијата се соочува со фундаментално изменета средина, обележана со стратешка конкуренција, растечка нестабилност и обиди за поткопување на меѓународниот поредок заснован на правила“, се вели во документот, кој им беше доставен и на преостанатите членки што не го потпишаа.
Во моментов, сите надворешнополитички одлуки на ниво на ЕУ се носат со согласност од сите членки, што му овозможува на било кој поединечен член да ги спречи преостанатите 26. Застапниците на оваа реформа сметаат дека со тоа брзината на одлучување значително би се зголемила и би се избегнале непотребни вета.
Од друга страна, критичарите изразуваат загриженост дека ваквиот чекор може да ја загрози демократската легитимност. За помалите држави во Унијата, правото на вето претставува последно средство за одбрана на сопствените ставови и интереси пред влијанието на поголемите земји.
Најголемата пречка за оваа замисла е фактот што за самиот премин кон одлучување со квалификувано мнозинство повторно е потребна согласност од сите членки. Тоа значи дека земјите што сакаат да го задржат ветото можат да го блокираат неговото ограничување. На крајот, со заедничкото писмо се повикува на „значајни“ консултации во ситуации кога постои спор, со цел да се дојде до заемно прифатлив компромис.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
