Вечерва на полноќ истекува рокот за пријавување на партиските кандидатски листи за советници и градоначалници за локалните избори
Партиите и независните кандидати денеска до полноќ имаат рок и официјално да ги поднесат кандидатурите за градоначалници и советници за локалните избори на 17 октомври. Пријавите се поднесуваат до општинските изборни комисии, по што треба да бидат разгледани дали се прифатливи или треба да се исправат евентуални неправилности во пријавата.
Потврдата на кандидатите ДИК треба да направи за неколку дена, а на 18 септември ќе се направи и ждрепката за редоследот на избирачкото ливче.
Иако најголемите партии веќе ги објавија имињата со кои настапуваат на изборите, најголем дел од учесниците на изборите се уште не ги поднеле и официјално пријавите и ќе го чекаат последниот момент.
Има и такви кои и денеска објавуваа нови имиња и кандидатури.
Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, соопшти дека синоќа ја доставил кандидатурата за градоначалник на Битола, како што вели по барање на членовите на партијата.
„Доколку не се кандидирав, ќе имав чувство дека сум ги предал очекувањата и барањата на моите пријатели и сограѓани. Тоа ќе беше голем терет за мене и немаше да можам да продолжам да работам со таквите чувства“, напиша Милевски на Фејсбук.
Агим Јонуз пак, ќе биде носител на листата за град Скопје од Твоја партија.
Во меѓувреме течат останатите изборни дејствија. Пред два дена заврши увидот на Избрачкиот список, во кој проверка направиле речиси 15 илјади избирачи. Кампањата почнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ.
Локалните избори ќе се одржуваат со почитување на мерките за превенција од ширење на Ковид-19.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
