Македонија очекува јасна порака од Самитот ЕУ - Западен Балкан
Јасна и чиста порака дека местото на западен Балкан е во Европската унија, и дека Унијата е подготвена за тоа, согласно сите чекори што треба да ги направи секоја држава соодветно, очекува премиерот Зоран Заев на претстојниот самит на ЕУ за западен Блакан во Словенија.
Во тој контекст вели дека има позитивно придвижување и во разговорите со Софија и дека се надева периодот до декември максимално ќе биде искористен за изнаоѓање решение.
„Се работи за патоказот, кој што треба да биде, нешто што ќе значи преземање обврска од двете страни за унапредување на ефикасноста во соработката согласно Договорот за добрососедство. Вториот аспект е дека во декември на Советот на министри на ЕУ се носи одлуката, а до тогаш ќе имаме завршено избори и во Северна Македонија и во Бугарија. Трето е, драфтираната верзија која се подготвува на Самитот ЕУ-Западен Балкан за сериозната фокусираност и посветеност на ЕУ за продолжување на процесот за евро-интеграциите на Западен Балкан“, вели премиерот Заев.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров,пак, на панел посеветен токму за очекувањата од Брдо на Економски форум во Белград, вели дека иако е разбирливо што Западен Блакан не е прв приоритет на Унијата, сепак ветувањата треба да се одржат.
„Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот навистина нема да биде доволна за да ја вратиме надежта на младите“, вели Димитров.
Во дипломатска офанзива пред словенскиот самит е и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Тој денеска е во Берлин со неговиот колега Хајко Мас и министерот надлежен за Европа Михаел Рот.
„Факт е дека Берлин е најсилен предводник за европската перспектива и на Северна Македонија, како и на целиот регион. Имаме важен Самит пред нас и поддршката од партнерите како Германија е неопходна, прво и за да ги надминеме разликите со Бугарија за да се одблокира процесот, но и да го вратиме европскиот кредибилитет во регионот, спротивставувајќи се со тоа и на скептицизмот во ЕУ “, истакнал Османи на Средбите.
Самитот ЕУ-Западен Балкан почнува во среда во Брдо во близина на Крањ и дел од приоритетите на словенечкото претседавње со Унијата во пресрет на состанокот на лидерите на ЕУ на кој ќе се разговара за проширувањето.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
