Молк од надлежните, бројките растат
За 10 дена во државата бројот на активни случаи со Ковид се зголеми за повеќе од 1000. (26 октомври -6191 активен случај - 4 ноември – 7275 активни случаи со Ковид). Последниот период има зголемување и на процентот на позитивни од тестирани кој во просек е 16, а вчера беше 18 отсто. За епидемиолозите очекувано е бројките уште повеќе да растат посебно кај младите.
-Според тестовите тоа се средношколци, студенти тоа е таа популација која не е вакцинирана и си шетаат, остваруваат незаштитени контакти. И поголемиот дел се асимптоматски случаи и вирусот потоа го носат дома, изјави д-р Сашко Олумчев, епидемиолог во ЦЈЗ Гевгелија.
И покрај влошување на епидемиолошката состојба од министерството за здравство и Комисијата за заразни болести нема нови препораки за спречување на ширење на вирусот.
-Според податоците од анализите што ги прават епидемиолозите од ИЈЗ, во изминатава седмица не е забележано рапидно зголемување на позитивни од тестирани на Ковид 19. Од регистрираните нови позитивни случаи од 32 града во државата, забележано е зголемување од 3,7% во однос на претходната седмица. Најголем дел од новозаразените се од Скопје, велат од мз.
Ниту епидемиологот Олумчев не е за рестриктивни мерки, смета дека фокус треба да се стави на вакцинацијата посебно кај младата популација и генерално да се сменат навиките бидејќи вирусот уште е помеѓу нас.
-Економијата мора да работи, не е поентата да ги затвориме продавниците и останатите објекти, но потребно е да ги смениме навиките генерално, додаде д-р Олумчев.
Според СЗО речиси цела европа е погодена од нов бран на Ковид 19, а критична е состојбата на цел Балкан. Во Србија од понеделник 1 недела нема да работата училиштата, а Хрватска најавува задолжителна ковид потврда од средината на ноември и за државниот и за приватниот сектор.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
