Продолжува постапката за земање на примероци за ДНК анализа на Судска медицина
Роднини на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија и денеска доаѓаа на Судска медицина за да остават биолошки материјали со кои треба да се идентификуваат телата.
Од Институтот за судска медицина очекуваат во текот на денот да бидат земени примероци за ДНК анализа од блиски роднини на сите загинати по што ќе следат анализите за идентификација.
Директорот на Институтот вели дека ДНК анализите од родинините на настраданите ќе ги прават во Скопје, а резултатите потоа ќе ги испратат во Софија за да се споредат со материјалите земени од починатите.
-Од починатите се зема биолошки примерок за испитување на ДНК, а на нашиот Институт се зема биолошки материјал од живи сродници на починатите. Нашите анализи ќе се направат во текот на оваа недела и ќе бидат испратени во Бугарија. Потоа ќе се направи мечување на ДНК профилите на починатите и на нивните живи сродници и тогаш ќе бидат идентификувани жртвите, изјави проф.д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина.
Обдукцијата врз телата на загинатите е почната уште вчера во Софија, а во процесот од денеска се вклучени и директорот на македонскиот Институт за судска медицина и двајца негови колеги кои од вчера се во Бугарија.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
