Македонија
1. December 2021 - 16:44

Идентификувани 45-те тела на загинатите во трагедијата во Бугарија

Идентификувани се сите 45 тела на патниците кои настрадаа во големата автобуска несреќа на автопатот Струма. Попладнево судските медицинари во Софија ги завршија сите ДНК анализи и веќе се знае на кое семејство припаѓа секоја од жртвите, откако беше направена споредба на примероците земени од блиски роднини со тие на починатите, потврди за Сител директорот на Судска Александар Станков, кој заедно со неколку негови колеги од Институтот се во Бугарија.

Според информациите од МНР посмртните останки в петок наутро со авион ќе бидат донесени на скопскиот аеродром и ќе им бидат предадени на семејствата за да ги погребаат.

Денеска и последниот од седумтемина преживеани во несреќата е вратен во Македонија. 45 годишниот Орхан, кој е белгиски државјанин попладнево со возило на Брза помош е префрлен од болницата Пирогов на скопските клиники каде ќе продолжи неговото лекување. Во несреќата се здобил со повреди на потколеницата и рбетот и му беа направени две операции.

На Клиниката за пластична хирургија продолжува лекувањето на брачниот пар од скопско Количани и 25 годишната Медина од кумановско Сопот.

-Тие се во стабилна состојба, но поради сериозноста на повредите ќе бидат задржани уште неколку дена, изјави за Сител доц.д-р Софија Пејкова, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Двајца од повредените во понеделникот по два дена престој на Пластична беа пуштени на домашно лекување, а патникот од Прешево од Софија беше префрлен на лекување во болницата во Врање.