Расте бројот на новозаразени, каква е состојбата со капацитетите за хоспитализација
Со високите бројки на заразени со Ковид се зголеми и бројот на прегледи на Инфективна. Од Клиниката велат дека последната недела за едно деноноќие амбулантски третираат и по 110 пациенти.
-Бројката на амбулантски прегледи е значително зголемена последните неколку дена и таа се движи од 106 до 110 пациенти за едно деноноќие. Што се однесува до хоспитализациите таа состојба не е променета и имаме околу 70-75 проценти пополнет капацитет, зборувам за главната зграда, бидејќи како што знаете модуларната болница повеќе време не е во функција, изјави за Сител д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Доктор Стевановиќ вели дека последниот период лекарска помош во амбулантите на Инфективна почесто бараат помлади пациенти и тоа веднаш по добивањето позитивен резултат на Ковид тестот.
-Доминираат исклучително млади и здрави луѓе, се јавуваат веднаш после констатацијата на позитивен брис на Ковид-19 и гледаме исклучително лесна клиничка слика што не значи дека нема да се промени клиничката сликанаредните денови. Сите овие нови прегледи се последица на нови инфекции кои се стекнати при предпразничните и празничните славења низ скопските кафеани и домашните забави, вели д-р Стевановиќ.
Инаку веќе три дена во дневните извештаи имаме над 1000 заразени со Ковид. Според анализите на Институтот за јавно здравје овој период доминира Омикрон сојот бидејќи од 56 секвенционирани примероци 33 биле со новата варијанта, која е позаразна. Во моментот во земјава има над 7000 активни случаи, а од почетокот на пандемијата битката со вирусот ја загубија 8000 граѓани.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
