Македонија
11. January 2022 - 16:43

Нема одлука за кратење на изолациите и продолжување на распустот, се чека ли нов министер за здравство?

Без одлуки заврши денешниот состанок на Комисијата за заразни болести. Нема ниту нови Ковид мерки. За предлогот да се  скрати времето на изолација за асимптоматските случаи од 10 на 7 дена членовите на Комисијата ќе имале обемна дискусија наредните денови.

-На денешниот состанок Комисијата за заразни болести ја разгледуваше и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата и ќе биде усогласена со министерството за образование, информираа преку соопштение од здравство.

Во меѓувреме рекордни 8308 нови позитивни случаи на Ковид се регистрирани минатата недела, што е зголемување за 50 проценти од неделата пред Нова година, покажува анализата на ИЈЗ. Најголем дел од новозаразените се од Скопје и тоа млади од 20 до 29 години. Доминира Омиктон , бидејќи од 152 примероци новата варијанта била откриена кај 68 проценти од секвенционираните брисеви.

Од 3 до 9 јануари пријавени се 946 реинфекции, односно овие граѓани по втор пат се заразиле со Ковид, што е за 7 пати повеќе од претходната седмица.

-Омикронот е меѓу нас, тој бран е повторно меѓу нас, четвртиот би можела да кажам и тоа со доста голем замав. Пациентите кои ќе ги осетат симптомите како што се гребење на грлото, кашлица, затнат нос, секрет од носот да се јават на лекар, зошто освен омикронот меѓу нас е и инфлуенцата А и комбинација од Ковид и инфлуенца. Тоа е уште еден сој кој е присутен, изјави д-р Билјана Попоска, специјалист пулмолог од Клиниката з апулмологија и алергологија.

Иако за една недела во Ковид центрите хоспитализирани се нови 100 пациенти, во моментот нема преоптоварување на капацитетите. На болничко лекување во моментот има 351 пациент, но загрижува високата бројка на амбулантски прегледи во инфективните одделенија не само во Скопје туку и низ државата.

Според епидемиолошките анкети граѓаните развиваат симптоми 3-ден од контактот со заразен.