Македонија
24. February 2022 - 21:15

Сведоштво на Македонката Амбросова: Се надевам дека ќе ги отворат границите за мене и мојата ќерка

Македонката Мери Амбросова со часови веќе патува од Киев и е на речиси половина пат до дома. За Сител сведочи од автомобилот со кој патуваат кон граница каде вели ги чека долга исцрпувачка ноќ бидејќи колони возила чекаат да ја напуштат земјата. Она што ги смирува е дека на запад од земјата ситуацијата е помирна. На кратките паузи на бензиските во редици се чека за гориво. Имале среќа што резервоарот во нивниот автомобил бил полн претходно бидејќи можат само по десетина литри да наполнат на бензиска. Она што ги охрабрува се пораките на луѓето со кои се среќаваат за кои вели се неверојатно позитивни и во услови на војна. Такви се и пораките кои ги слушаат на радио додека ја напуштаат Украина.

Се уште е неизвесно како ќе ја минат границата со оглед дека таа е македонски државјанин а нејзината ќерка е Украинка чиј татко ќе остане во својата земја. Мери вели за сега има телефонска потврда од амбасадата дека ќе им биде дозволено да ја напуштат државата.

Амбросова вели никој од нив не верувал дека ќе дојде до војна. Среде ноќ кога ги слушнале првите гранати веднаш решиле да ја напуштат украинската престолнина. Едвај излегле од Киев бидејќи патиштата биле блокирани од колони возила кои заминувале од градот. За Мери животот наполно се менува, таа се враќа сама со својата ќерка во Македонија. Во Киев останале голем број пријатели и Македонци за кои вели останува да се молам на Бога.