Македонските граѓани евакуирани од Украина пристигнаа преку Деве Баир
На граничниот премин Деве Баир пристигна првиот конвој со три возила кој го организираше македонското МНР за извлекување на македонски државјани од Украина. Меѓу нив и семесјтвото Свирков со новороденчето Симеон кое имаше само 5 дена кога започнаа немирите во Украина.
- Во станбената зграда бевме, бидејќи местото за евакуација беше многу далеку, беше ризично да излегуваме. Инаку, седевме таму до последниот ден и со ептен тешки маки се извлековме благодарение на ОБСЕ, изјави Димитар Свирков, татко на Симеон.
- Гледате јас сум под психички стрес. Се уште не сум свесна дека дојдовме во Македонија. Патуваме веќе 6 дена. Пројдовме низ многу патешествија, изјави Жаклина Свиркова, мајка на Симеон.
Нивното патување било организирано и траело неколку дена преку Молдавија, Романија, Бугарија по што пристигнаа во Македонија каде што на граничниот премин мораа да платат зелен картон по што го продолжија патот кон Скопје но и неколку други градови во Македонија од каде што потекнуваат. Со нив патуваа и неколкумина украински државјани.
- Доаѓам од Полтава тоа е многу блиску до руска граница, но војната главно беше во Харков сега. Децата ми останаа таму сега за сега, жената одлучи да остане во моментот, јас дојдов меѓутоа ќе правиме напори да ако почне и таму во тој дел војната да дојдат и тие, кажа Владимир Аљоков.
- Плативме зелен картон затоа толку чекавме. Тоа е нашата држава. Можеше и дома тоа да се случи но не е никаков проблем, бидејќи немавме ни пари, немаа ниту пари да ни вратат. Имаме украински пари, овде не ги примаат. Знаете како е кога одите од една во друга држава неспремни. Јас со себе не земав ништо. Го заклучивме станот и заминавме, се е така оставено таму, кажа Горан Јанески.
Во Украина има се уште македонски државјани, а 40 од нив според последните информации на МНР се води активна евакуација додека 38 останале во своите резидентни места.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
