Македонија
5. јуни 2022 - 16:39

Професорите бараат продолжување на стажот, клиниките може да го загубат статусот

Колку клиники можат да останат без својот статус ако професори над 64 годишна возраст заминат во пензија од 1 јули? 

Каква штета ќе претрпи здравствениот систем кога голем број наставен кадар од кампусот Мајка Тереза ќе ги испразни ординациите и местата на факултетот? 

Професор Љубица Георгиевска Исмаил од Клиниката за Кардиологија е една од многубројните која за да продолжи да работи до 67 години мора да добие согласност од директорот на установата и министерот за здравство, но вели за неа нема позитивна одлука. 

Законот за пензионирање дозволува продолжување на работниот однос за дефицитарниот кадар, но само со претходна одлука на надлежните.

-Ова политичко безумие, ова е колеж на интелектуалци. Ќе се создаде расцеп на генерации и вие ќе немате лекари со искуство кои се признаени, знаени, во кои што пациентите имаат исклучителна доверба, вели проф. Д-р. Љубица Георгиевска Исмаил од Клиника за Кардиологија.

За професорката Исмаил постои селективност со толкување на законот па се дозволува продолжување со работа на професори од други факултети, а како што вели ги бркаат оние кои им се потребни и на студентите и на пациентите.

-Ние еве не знаеме што ќе се случува, дали после 15 нема веќе да закажуваме пациенти и ќе треба да ги испразниме канцелариите и да одиме во пензија. Има клиники, катедри каде ако сега отидат професори во пензија во следните 6-7 години ќе нема да може да се распишат специјализации, вели проф. Исмаил.

А со одењето во пензија на професорскиот кадар од Клинички, најверојатно помалку доктори ќе можат да специјализираат и ќе нема создавање на нова база специјалисти. 

-Бројот на места за специјализации зависи од бројот на слободни менторски места. Зависно од тоа дали и колку наставници со 64-66 години би отишле во пензија ќе треба да се намали бројот на нови места за специјализации. Тоа е анализа што ќе треба да се направи ако се реализира пензионирањето, вели проф. Д-р. Соња Топузовска, декан на Медицински Факултет.

Дека сите лекари професори со наполнети 64 години нема да можат да продолжат со работа иако сакаат, потврдуваат и од МЗ. 

-Во согласност за потребите од број на кандидати за специјализации се разгледува и можноста да се задржат одреден број професори неопходни за понатамошното планирање на кадар. Во исто време овие професори треба да планираат да создаваат научен кадар кој ќе ги заменува, вели за Сител министерот за здравство.

На кои клиники ќе продолжат, а кои професори од јули ќе одат во пензија останува да видиме.