Македонија
11. July 2022 - 12:27

Кучињата скитници голем проблем во Штип

Кучиња скитници го преплавија централното градско подрачје на Штип. Една од причините е затворањето на стационарот за бездомни кучиња, по укажување на организациите за заштита на животните, зашто немало вода и не ги исполнувал ниту минимум стандардите.

- Имавме огромен проблем и се уште имаме проблем, затоа што стационарот кој бил направен пред неколку години и за кој што се потрошиле милионски суми на пари на граѓаните не функционира. Не ги исполнува соодветните услови и стандарди по кој што е изработен и затоа тој проблем се провлекува и ден денес, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Ветеринарната станица која беше оператор за заловување на кучињата и нивен хуман третман, исто така го раскина договорот со општината, поради се поголемиот број тужби од страна на граѓаните кои биле каснати од кучиња скитници. Според евиденцијата на општинските служби во просек годишно биле каснувани по 10 граѓани. После еден неуспешен обид, избран е економски оператор кој ќе се фати во коштец за решавање на овој горлив проблем.

- Ние ќе имаме, во комуникаија и консултација со здруженијата за заштита на животни, надзор над економскиот оператор, дали соодвествува со сето она што е предвидено во тендерската документација, да ги заловува, третира и чува бездомните кучиња, додаде Јорданов.

Новиот оператор заловените кучиња ќе ги чува во приватен стационар.