Македонија
12. July 2022 - 12:23

Трасата на гасоводот Штип-Битола во завршна фаза

Трасата од гасоводот на релација Штип- Битола е во финална фаза, тврди министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Единствен проблем е изместивањето на гасоводната цевка на делницата кај Неготино, поради одредени прашања кои се појавиле на тој дел од теренот.

-Важно е во наредниот период да се заврши кракот кон Гостивар, а веќе работиме и на урбанистичките проекти за интерконекторто кон Грција. Ова е исклучително важно , заради балансирањето на енергетската состојба во државата, да имаме уште еден приклучок, освен приклучокот кој го имаме од исток кон Бугарија- изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Запрашан кога и кој крак од гасоводот ќе профункционира, Бочварски истакна дека тоа е во доменот на Националните енергетски ресурси. 

-Таму работат на сите овие постапки и проекти. Ние овде сме вклучени во делот на урбанистичките планови и во моментот, кога ќе имаме одобрен урбанистички проект ја започнуваме постапката за одобрение за градење и потоа компанија за избор на изведувач. Во овој момент работиме само на урбанистички проекти и фазата урбанизам- додаде Бочварски.

Изградбата на секундарната гасоводна мрежа, која гасот ќе го спроведува до градовите и индустриските зони е под ингеренции на Министерството за економија.