Македонија
15. July 2022 - 19:34

Универзитетот „Гоце Делчев“ објави конкурс за запишување нови студенти

Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ ги отвора вратите за близу 4000 нови студенти. Годинава, како и лани има слична бројка на слободни места за студентите кои ќе се одлучат за еден од 12-те факултети и 3 академии.

- Вкупно Универзитетот треба да прими 2202 студенти во државна квота, 913 редовни со кофинансирање и вонредни 755 или вкупно 3870 студенти, изјави Дејан Мираковски, проректор за наука.

Првиот уписен рок е на крајот на август, но заинтересираните бруцоши можат да се пријават по електронски пат.

- Веќе е отворен системот за примање на апликации и студентите можат да се пријават, а физички документите да ги донесат после 10-ти август, на локациите означени за прием, додаде Мираковски.

Најдобро рангираните студенти ќе бидат стипендирани од страна на УГД, како и сите оние кои ќе се запишат на катедрата по македонски јазик. Новина годинава е студиската програма на англиски јазик на насоката Општа медицина на Факултетот за медицински науки.

- Мислам дека тоа ќе понуди еден нов аспект на интернационализација на Универзитетот и Факултетот за медицински науки, што е многу важно за нас, изјави Мираковски.

И годинава, интерес за студирање пројавиле студенти од Турција, од соседните земји и Израел.