Македонија
21. July 2022 - 12:18

Бројот на позитивни од Ковид-19 се зголемува и на истокот од земјата

Бројот на ковид позитивни е во постојан пораст, но стагнираат хоспитализациите. Во Ковид центрите во државата има минимален број пациенти на кои им е потребна болничка нега и тие не претставуваат товар на здравствениот систем. На штипското инфективно хоспитализрани се 7 пациенти.

- Хоспитализрани се сега генерално повозрасни пациенти, над 60 годишна возраст и што сега е карактеристично на нашето одделение дека, повеќето од нив имаат други коморбидитети или биле примени на другите одделенија, поради друго основно заболување, а по излегување на позитивен резултат, ги пренесуваме кај нас заради изолација, изјави Дијана Шишкова, началник на Одделение за инфективни болести - КБ - Штип.

Инфектолози од Германија, Шпанија, Португалија, Франција и Италија денови на меѓународната конференција која се одржува во Штип,  разменија искуства за тоа како се справиле и како треба да се подготват здравствените установи за евентуален нов пандемиски бран. Акцентот беше ставен на имунизацијата.

- Вакцинацијата многу ни помогна и тоа е видливо, бидејќи одделите за интензивна нега не се толку оптоварени како што беа претходно. Во болницата имаме 20 пациенти, од кои само еден е на интензивна нега, изјави Анабела Марија, медицински директор на болница во Боргоманеро, Италија.

Што ќе се случува на есен, засега никој не може да каже и да предвиди. Сепак, докторите уверуваат дека место за паника нема, зашто циркулира подваријантата омикрон, која брзо се шири, но има поблаги симптоми.