Македонија
22. July 2022 - 12:37

Пораст на бројот на колабирани лица во Штип

Живата на термометарот се искачи до 40 степен, земјава е во портокалова фаза, штипската итна медицинска помош со зголемен обем на работа. Порасна бројот на лица кои колабирале, најчесто помош бараат хронично болните, но и помлади лица кои подолго време биле изложени на сонце и високи температури.

- Се справуваме со почести колапси, имаме понизок крвен притисок. Имаме зголемен број на домашни посети и повеќе амбулантски прегледи. Претежно станува збор за лица со хронични болести, коишто ни се едни од најчестите пациенти, меѓутоа се случуваат и прегледи на помлади лица, доколку биле изложени на надворешните високи температури или се нашле во некоја потопла просторија која не била климатизирана подолг период, изјави д-р Драгана Величковска, итна медицинска помош - Штип.

Од здруженијата за заштита на правата на работниците, побараа од работодавачите да обезбедат адекватни услови во работните погони, со што ќе се почитуваат законските прописи од областа на безбедноста и здравјето при работа. Градежните и останатите работници кои работат на отворено, да им се организира работното време за да се заштитат од директна сончева изложеност.

- Мора работодавачот да им даде на работниците заштитна опрема, а работниците треба да ја користат, изјави д-р Александар Стојанов, специјалист по медицина на трудот.

Здравствените установи во градот засега добро се справуваат со пациентите погодени од топлотниот бран, но остануваат препораките за пиење многу течности, носење на лесна и светла облека, наочари за сонце и покривка на главата.