Големи штети од невремето во Кочани
Силно невреме синоќа во раните вечерни часови го погоди источниот регион. Најобилни врнежи од дожд и град, проследени со интензивни електрични празнења имаше во Кочани., кои ја парализираа комуналната и сообраќајна градска инфраструктура. Атмосферската канализација немаше доволен капацитет да ги собере надојдените води, поради што поплавени се голем број дуќани и индивидуални куќи на приземјето и подрумски простории.
- Овде имаше голема поплава, надојдена вода, никогаш до сега немало такво нешто, како река - изјави Горан Исов. жител на Кочани
- Комшивката се качи на втори спрат, не можеше да излезе ноќта до 12-01 часот, додека противпожарната не исчисти. Дојдоа, ја исцрпеа водата за да може да излезе - изјави Љупчо Богданов, жител на Кочани
- Па после ние чистевме до сабајлето, до 4 часот - изјави жителка на Кочани
Од силниот ветер искинати се повеќе водови за електрична енергија, кабелската и комуникациската мрежа. Градот, неколку приградски населби и села останаа без струја до доцна во ноќта. Заради опасност од пожар од спој на електричната инсталација интервенираше и ЕВН. Од утринава, екипи на ЈП „Водовод“ и граѓаните ги санираа последиците од невремето.
- Комуналните редари на општина Кочани се излезени на терен за да ги регистрираат приоритетите во правец на санирање на направанети штети. На терен се уште е и територијалната противпожарна единица за испумпување на количните на двода кои се уште се останати - изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани
На бројот за итни повици 112 во текот на ноќта и утринава имало голем број пријави од граѓани за настанати материјални штети.
- Ги повикувам сите кои имаат претрпено штети, дали физички лица или правни субјекти, да ги земат соодветните обрасци, да ги пополнат, како би можела Комисијата формирана за проценка на штети од елементарни непогоди, да ја заврши благоврмено својата работа - додаде Папазов
Во текот на денот се работеше и на отстранување на наносите и отпадот од канализациската мрежа, а се нормализираше и водоснабдувањето.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар