Македонија
27. July 2022 - 12:34

Кочанчани започнаа да ги пријавуваат штетите од невремето

 

Кочанчани започнаа да ги пријавуваат штетите од невремето кое ја зафати општината пред три дена. Од локалната самоуправа информираат дека граѓаните штетите можат да ги пријават директно во општинската едношалтерска канцеларија или по електронски пат на веб страницата на општината. Погодените физички лица и правни субјекти очекуваат помош, зашто како што велат, штетите им се огромни.

- Имаме голема штета. Поплавен ресторан кај гробиштата, игротека, се беше поплавено. Ресторанот кај гробиштата, само што го бев обелил и уредив, сега се е лом, два метри вода имаше внатре. Маси и столови, се е уништено, па мислам ако нешто може да се санира- изјави жител на Кочани

За пријавување до Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди, граѓаните треба да приложат копија од лична карта и трансакциска сметка, фотографии од настанатата штета, како и копија од имотен лист или друг документ за сопственост. Рокот за пријавување е до 1-ви август, односно, до понеделник.

Силното невреме ја парализираше комуналната и сообраќајна градска инфраструктура. Атмосферската канализација немаше доволен капацитет да ги собере надојдените води, поради што поплавени се голем број дуќани, индивидуални куќи и фабрички хали.