Продолжува голготата на текстилна работничка
Штипска Апелација го врати на повторно судење во Основниот суд во Делчево предметот за првата кривична пресуда во корист на текстилна работничка. Станува збор за работничка од конфекција од Делчево, која додека ги користела ковид мерките за чување на своите две малолетни деца, без писмен договор и нејзина согласност е префлена од конфекцијата каде била вработена на неопредлено работно време, во друга фирма, на определено работно време. Делата од Кривичниот законик, повреда на права од работен однос и фалсификување на исправа, според штипскиот Апелационен суд не постојат, обвини на прес конференција, Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
- За нив доказ е образецот М1/М2 и не се свесни очигледно дека треба да го земат во предвид моментот, дека договор е единствен писмен двостран акт, каде што треба да бидат потишани работникот и работодавачот. Во спротивно би можеле истите судии да ги одјавиме од судот, без никаков нивен писмен договор и да ги пријавиме во некој маркет, конфекција, јавно претпријатие или слично- изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец –Штип
Предметот е вратен, додава Ампева, и од причина што судот смета дека нема кривично дело, бидејќи во исто време се случувала ликвидациона постапка на една од фирмите.
- А никој не е виновен што толку време и треба на обвинителите и судиите да закажат рочиште, да подигнат кривична пријава и слично, а некој за тоа време да си отвара и затвора фирми- додаде Ампева
Правдата за македонскиот работник е скапа, а сега се покажа дека е и недостижна.
- Судските трошоци се од 60 000, 70 000, па и 80 000 денари. Сега кажете ми, како работничките, посебно од приватниот сектор, жени, да се охрабрат и да ја тераат правдата, кога еве јас сум разочарана. Затоа и велам, тие 8 %, тие фантастични 8% доверба во македонското правосудство воопшто не ме чуди. Јас не знам како судиите планираат да одиме во Европа, со вакво судство, со наклонетост кон оние кои што го кршат законот, па јас не би ги пуштила ниту во Африка- изјави Ампева
Според Ампева, овој предмет требаше да биде пример, но се покажа како пораз за македонското судство.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар