Македонија
3. August 2022 - 16:28

26 ковид позитивни деца се лекуваат во болницата Козле

Расте бројот на хоспитализирани со ковид во детската болница во Козле. Во моментот на болничко лекување има 26 деца а позитивни на вирусот се и десет мајки. Од установата велат дека третираат и други патологии но со намален обем. Нема простор за паника смируваат лекарите,  укажувајќи дека сегашната варијанта на омикрон не е многу опасна за младите.

-Добро е што клиничката слика од овој сој е многу поблада, немаме тешки случаи и само две деца се на кислород. Сепак, внимателност треба да има, особено кога станува збор за децата, вели др. Бесник Зеќири, директор на детската болница во Козле. 

Нема наплив од пациенти но постојано има нови приеми и во останатите инфективни одделенија во државата. Најмногу хоспитализирани се во Клиниката за инфективни болести – 32, а повеќе од десетина има и во кумановската, штипската и гостиварската болница. 

Скопје е жариште и има најмногу активни случаи на ковид 19 а повеќе од 200 позитивни на вирусот во моментот има во Битола, Куманово, Кавадарци и Прилеп.

За олеснување на дијагностиката во главниот град, здравствените власти најавија ковид амбуланти во кои треба да работат матични лекари и веќе имаат согласност од две здруженија. Кога ќе профункционираат и дали ќе има евентуално враќање на дел од превентивните мерки ќе одлучува Комисијата за заразни болести на состанокот во петок.