Прекината е истрагата за несреќата на автобусот на Беса транс во Бугарија - Се бараат дополнителни информации
Бугарското обвинителство ја запре предистражната постапка за несреќата со автобусот на Беса транс поради нови моменти кои дополнително ќе се утврдуваат. На потег е македонското обвинителство кое треба да обезбеди дополнителни информации од преживеаните патници и роднини на починатите. Од скопското Јавно обвинителство преку МВР прават напори да ги лоцираат сите наследниците и блиски бидејќи дел од нив не живеат во Македонија.
„Побараа од македонското обвинителство да ги запознае преживеаните и наследниците на починатите патници со нивните права да извршат увид во предметот и да побара од нив да се изјаснат во поглед на причините за патување на нивните блиски. Дел од нив се уште не се изјасниле за причините за патување на починатите или таквите причини не им се познати.
За оваа кривична постапка во Бугарија се испитани околу 30 сведоци, меѓу кои возач на македонскиот автобус, преживеаните патници, како и очевидци.
Во изјава за БНТ портпаролката на бугарското обвинителство откри дека досегашните истраги докажале нови факти за тоа што се случувало во кобната ноќ. Причина поради која целосно изгоре автобусот не биле кантите со бензин, истите биле пронајдени неоштетени.
Милева вели дека се испитувало и дали автобусот бил евентуално мета на терористички акт. Хемиската експертиза покажала дека немало знаци за експлозивни направи во автобусот на Беса транс . Дополнува дека сите предмети на настраданите биле посебно запечатени а македонското обвинителство е задолжено да ги извести и ги предаде личните работи на нивните семејства. Од ОЈО скопје велат еден мал дел од семејствата, од лични причини, не ги примиле предметите, иако се известени каде можат да ги подигнат.
Адвокатот на жртвите пак спроведе приватна истрага за причините за несреќата обвинувајќи ја државната агенција за патишта за лошата сигнализација.
Паралелно во обвинителството се уште се води предистражна постапка за работењето на фирмата Беса транс, и по 9 месеци, оттаму велат дури сега постапката е во финална фаза.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
