Македонија
29. August 2026 - 16:29

„Градски воз“: За 25 минути од Зелениково до Железничка - едносмерен билет 40, повратен 70 денари

Од 1 септември тргнува „градскиот воз“. Од Зелениково до Централната железничка станица во Скопје возовите ќе сообраќаат осум пати дневно во двата правци, а ќе се патува околу 25 минути.

Првиот воз од Зелениково ќе тргнува во 6:20 часот, а последниот ќе пристигнува на железничката во Скопје во 22:19 часот.

На патот кон Скопје, возот ќе застанува на станиците Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче.

Во обратен правец, првиот воз од Скопје ќе тргнува во 5:32 часот, а последниот воз ќе пристигнува во Зелениково во 21:20 часот.

Цената на билетот за едно возење во еден правец ќе биде 40 денари, додека повратниот билет ќе чини 70 денари. За редовните патници ќе има и месечен билет, чија цена е 1.040 денари.

„Сите наши и технички екипи се спремни, гарнитурите ќе бидат спремни за првата фаза, така да главниот фокус ќе го постигнеме, а тоа е од 1-ви да се тргне со првата фаза во градски воз и пред сè главниот фокус кон помладите, односно кон средношколците, студентите и слично“, вели директорот на Железници Транспорт, Дејан Кошутиќ.

Кошутиќ вели дека го разгледувале и возниот ред на ЈСП за автобусите и ги усогласиле двете врски. Целта е, ако некој со воз пристигне на Железничка и треба да продолжи со автобус, или обратно, да нема долго чекање.

„Го анализиравме и возниот ред на ЈСП, така да не отстапуваме повеќе од плус-минус пет минути“, рече Кошутиќ.

Граѓаните со позитивна оценка за новиот проект. Велат дека поголемото користење на железничкиот превоз ќе придонесе и за намалување на градските гужви.

Линијата Зелениково–Скопје е само првата од планираните три делници на проектот „Градски воз“.

Според најавите, втората делница треба да го поврзе Миладиновци, Илинден и Маџари со централната железничка станица во Скопје, додека третата ќе се протега од железничка преку Скопје Север и Ѓорче Петров до Волково.